$Nade

Мојот блог…

Преспанско јаболко

Бербата на јаболката во Преспа е при крај. Засега пласманот се одвива без проблеми, но поради временските услови тешко дека квалитетот може да се задржи до март.

100 000 тони е производството што треба навреме да се набере, до крајот на месец ноември.

Сегашните цени се задоволителни иако се очекува раст, велат овоштарите. Тие се движат од 16денари за сортата „ајдарет“, 20денари за „златниот“ до 22денари за „црвениот делишес“. Истата цена ја има и „грени смит“, „муцото“ е 17денари, а по цена од 16денари се сортите „чадел“, „глостер“ и „јонаголд“.

Бројот на откупните претпријатија се зголемува со што расте и конкуренцијата при откупот. Се бараат нови пазари, како што се далечните во арапскиот свет, но не се заборава ниту балканот.

Се повеќе се отвараат и европските пазари, поради намалениот род во некои земји. Но најмногу благодарение на квалитетот, атрактивноста, амбалажата, модерната опрема, правилното складирање и задржување на квалитетот во ладилниците чиј број низ Преспа расте.

Распишан е тендер за изградба на ладилник кај Макази, во близина на Ресен.

„Потребната документација, елаборати, сето тоа го сторивме и заедно со Владата на Република Македонија распишан е тендер за продажба на земјиштето за изградба на откупно – дистрибутивен центар и ладилник. Секако на тендерот треба да се избере соодветна компанија која ќе соработува како со локалната самоуправа, така и со нашите овоштари“, вели Михаил Волкановски, градоначалник на  Ресен во изјавата за Орбис Телевизија .

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, при посетата на Преспа за време на бербата на јаболка , изјави дека е задоволен од квалитетот на преспанското јаболко и за да се постигне подобра цената покрај пазарите значајни се и просториите за скласирање, па затоа посочи дека Владата во тој дел ќе помогне со субвенции.

„Во Преспа досега по основ на субвенции во последните три години доделени се околу 100 трактори и голем број приклучна механизација, како и 100 милиони денари. Како Влада остануваме да бидеме посветени да помогнеме на овоштарите во осовременувањето и изградба на ладилници и да се отворат нови пазари, освен традиционалните земји. ЕУ, Русија, Египет и Индија допрва треба да ги препознаат нашите јаболка“ изјави Коњановски, за порталот  Преспана .

Вниманието е сконцентрирано кон доставување на свежината на преспанското јаболко до крајниот потрошувач, зашто најголемо значење има правилниот транспорт.

Поврзувањето на овоштарите и трговците го зацврстува имиџот на македонското јаболко.

13/11/2012 Posted by | Uncategorized | Напишете коментар

Летен Академски Курс – Кишињев 2012

Филип Спасовски, студент на ФЕИТ, ова лето преку студентската организација БЕСТ Скопје беше на летен академски курс во Кишињев, Република Молдавија. Тој, заедно со уште 25 европски студенти, го посетија курсот организиран од  БЕСТ Кишињев, на тема “Откриј го виното – Истражи го вкусот”. Овој курс бил воглавно наменет за технологијата на производство на вино, а покрај тоа и за дегустација.

БЕСТ – Борд на Европски Студенти по Технологија е интернационална студентска непрофитабилна и неполитичка организација, целосно организирана и водена од студенти.

БЕСТ ги поврзува студентите од 82 технички универзитети од 30 земји во мрежа која се одржува преку многубројни заеднички проекти, интереси и пријателства. Секоја година се организираат преку 120 меѓународни курсеви, семинари и конференции, на кои студентите од различни европски земји учат и разменуваат искуства и идеи.

Нивниот преоритет пред се е  квалитет и да им помогнат на студентите во Европа, односно да сторат сè што можат да го спојат триаголникот „студенти – универзитет – компании“.

БЕСТ секое лето организира курсеви од различни области на технологијата со цел да им овозможат на студентите од цела Европа да посетат некои од странските градови.  Убавината на овие курсеви е тоа што на студентите кои ќе го посетат курсот, трошоците за сместување, храна и пијалоци и прошетки се покриени од страна на Локалната БЕСТ група, едниствено тие треба само да стигнат до таму.

На тие курсеви, студентите се здобиваат со сертификати за успешно поминат курс, а зависно од тоа колку долго траел курсот, тие добиваат од 1 до 3 кредити по ECTS.

Музиката е од Евросонг 2012:  Eurovision 2012 Moldova: Pasha Parfeny – Lăutar

27/10/2012 Posted by | Uncategorized | Напишете коментар

Проституцијата – Дел од нашите плочници

Во нашата држва еден период многу се говореше на оваа тема. Но повеќето проекти беа на тема за трговија со бело робје и принудна проституција, најчесто со малолетници.        Домашната (улична) проституција се сведува само на информации во дневно-информативните емисии кога ќе има некоја полициска рација.

Министерот за труд и социјалана политика Спиро Ристовски вели дека спроведуваат проекти заедно со полицијата за ресоцијализација на лицата кои се занимаваат со проституција  –  Воопшто не е лесно да се справиме со овие појави, но продолжуваме со активностите. Сметам дека за разлика од другите земји оваа појава не толку изразита кај нас, изјави Ристовски во вестите на Телмa

Но сепак тој вели  дека во Македонија проституцијата не е на толку високо ниво, бидејќи начинот на живеење, поточно културолошкиот традиционалниот начин на живот придонесува Македонија да биде во подобра ситуација од многу други земјиво регионот.

Како сведоци на овој проблем не е решение да ги избркаме од пред порти. Овој порок со векови постои, но сепак да се обидеме да сториме нешто. Дали директно или индиректно многу семејства  се загрозени поради овој проблем.

Пред влезот на МРТ и Управните служби на МВР ги нудат своите услуги проститутки од сите возрасти. Разговарав со две помлади кои имаа едната не повеќе од 17 години(Сашка) и една од околу 25(Линда)

-Од 14 години сум избркана од дома и бев приморана на ова, вели Линда. Се омажив за невработен алкохоличар, кој почина пред 2 години. Имам 3 деца и морам да работам, за да ги нахранам. На моето прашање дали нешто завршила и дали се обидела да работи друго, одговорот беше – не.

– Оваа работа ми ја предложи другар на маж ми.

Дали тој ти е макро?

-Ми беше, сега е во затвор за дрога, ама јас си продолжив сама, мора да се живее и да се ранат децата.

Сашка имаше друга приказна – дојдена е од источна македонија. Мајка и починала кога имала 15години. Нејзиниот очув се обидел да ја силува, нејзиниот дечко се „обидел“ да ја спаси и ја донел во Скопје кај негова „братучетка“ која со тек на време ја подвела во овие води. Дечкото и е макро.

На моето прашање дали се обидела да го пријави во полиција очувот, таа ми одговори

-каква полиција, тој е полицаец, несмеам да се вратам ќе ме столчи од ќотек и сите ќе ми се смеат. Вака мислат дека учам тука.

А  дали учиш?

– да, трета година сум средно и кога ќе имам повеќе пари ќе избегам од Македонија

На овој проблем треба многу сериозно да му се пристапи. Пред се поради здравствената состојба. Во нашите градови нема јавни купатила. Да не зборуваме какви се зарази можат да се прошират. Уличната проституција се сведува на давање услуги по влезовите по зградите, по паркови и во автомобили и тоа по десетина на ноќ. Вакви сексуални услуги се голем ризик за пренесување на кожно венерични и други болести. Поголем процент од проститутките се зависници од наркотични средства, а со тоа ризикот за пренесување на ХИВ вирусот е се поголем.

Го посетив диспанзерот за Кожновенерични болести и разговарав со лаборантот Душан Николовски. Тој вели дека порано имало поголема контрола врз жените кои нуделе сексуални услуги. Редовно биле прегледувани (донесени со полициски возила)и им се земало брис. Сега  се е оставено на нивната совест.

За психолошките трауми и да не зборуваме. Кај малолетните проститутки карактеристично е бегството од дома, а тие домови се пак со патолошки и пореметени односи. Значи проблемот со малолетната проституција е нај сложен и тоа не само кај девојчињата туку и кај момчињата.

А кога ќе влезат во тој круг враќање назад, многу ретко. Тие се експлоатирана роба во рацете на макроата кои не ги испуштаат се додека од нив можат да заработат. Оној момент кога ќе престане заработката почнува и нивната нај голема трагедија. Трагедии пред кои многумина затвораат очи.

Проституцијата се одвива и по мотели, хотели, станови, па дури и во салони за масажа. Тука девојките имаат по безбеден секс.                                                                                                                                                                                  Додека онаа проституција од висок степен е скоро невидлива. Со овој вид проституција се занимаваат жени и девојки кои не се егзистенцијално загрозени и кои обично се едуцирани со добри професии и занимања.

Тие служат како еден вид придружба на деловни луѓе. Овие жени остваруваат големи приходи од сексуалните услуги. Тие од сите проститутки се нај безбедни од страна на злоупотребување, а и од болести бидејќи имаат одлични услови и можности за одржување на личната хигиена.

Годишната заработка од проституција во Македонија изнесува повеќе од 100 милини евра неоданочени пари, Објави во својот прилог за МРТ новинарот Никола Крстиќ

Не ретко во проституцијата навлегуваат и девојки од угледни и социјализирани семејства.

Тука најчесто како проблем е комуникацијата. Постоењето на табу теми кои се наследни од претходните генерации може да доведат до негативни последици. Обично родителите неспремни да разговараат за човековата сексуалност, децата информациите ги добиваат од врсничката група. Најчесто овие информации се нецелосни или неточни што доведува до несакани последици. Недоволната комуникација се јавува како причина за малолетна деликвенција, проституција, бременост, болести на зависности и друго. Од ова може да се заклучи дека многу важен фактор е комуникацијата родител-дете и контрола на начинот на кој детето го поминува слободното време и со кого. Со децата редовно треба да се разговара за да се припреми за самостоен живот.

Можеби стравот од СИДА или некој економски бум ќе ги промени навиките и сваќањето за животот на овие девојки така што ќе им донесе достоинствено место во друштвото и во животот.

08/10/2012 Posted by | Prostitucija | , , , , , , , , | Напишете коментар

Улична проституција

Очајот полека станува реалност: најстариот занает на светот како да доживува ренесанса, иако долго време мислевме дека проституцијата и подводувањето припаѓаат на некои други плочници.

Меѓутоа во сево ова алармантен е податокот дека улична љубов се повеќе ја нудат малолетни девојчинња, па и момчиња. Материјалната и социјалната сигурност кај младите жени е една од првите превентиви против проституцијата. Безнадежноста води до злоупотребување на личноста, а од тука потекнува криминалот, наркоманијата, проституцијата и ред други пороци. Црната слика ја надополнува сидата и многу други заразни болести. Млади девојчиња-проститутки обично се со најниско образование и оваа работа не ја прават затоа сто некој на тоа ги присилува. Тие во проституцијата гледаат единствен начин да остварат материјална егзистенција. Во таа работа го нашле и својот важен психолоски ослонувач изразен со зборовите “одам да работам”. Што е многу важно и навистина мислат дека тоа што го прават е работа. Во тоа е разликата од оние што се донесени со статус мажени. Кај нас е развиена и материјалната злоупотреба која зема замав кај луѓе во кои не би се посомневале. Поточно тие се женат со девојчињата, а потоа стануваат нивни макроа.

Светските криминолошки искуства кажуваат дека многу жени ширум светот, на овој или оној начин се бават со проституција. Од елитна проституција со висок стил и ранг, до оваа нај ефтината (но и нај опасна) уличната. Поради тоа корените на проституцијата треба да се бараат во економските кризи, во сиромаштијата и бедата, невработеноста, политичките кризи како и условите кои доведуваат до отуѓуванје на човечката личност. Ние во овој момент ги имаме сите овие компоненти за процветување на проституцијата.

01/10/2012 Posted by | Prostitucija | , | 3 Коментари

Мултимедија

Новите технологии – опасност, предизвик или тренд?

Новите технологии ни овозможуваат глобална комуникација на едно претходно недостижно ниво. Предизвикот да комуницираме со некого, оддалечен илјадници километри од нас, со стискање на само едно копче, не е веќе само далечен сон. Можностите се бесконечни. Нови технологии – нови идеи – безброј предизвици. Но тука доаѓа и опасноста од губење на личниот однос со луѓето, нецелосниот проток на информацијата која во обични околности(кај контакт во четири очи) подразбира и внесување на емоции во разговорот, изразување чувства и гестови при комуникација, личниот допир кој некогаш вреди и повеќе од илјада зборови. Но од друга страна влијанието на новите технологии на лично ниво може да биде исто така големо. Компјутерите претставуваат одлична метафора за разбирање на постмодерниот поглед кон идентитетот на човекот. Тие може да ги претставиме како “објекти преку кои размислуваме” – заедно и отелотворување на, и метафора за постмодерниот живот. Луѓето ги користат компјутерските екрани за да се чуствуваат удобно со новиот начин на размислување и сфаќање за еволуцијата, врските, сексуалноста, политиката и иеднтитетот. Кога ќе стигнеме до точка каде ги опишуваме мозокот и компјутерот во однос едни преку други, тогаш сме стигнале до една културна пресвртница, еден културен слив каде новите технологии имаат голема улога во постмодерниот идентитет. На крај сфаќаме дека новите технологии играат голема улога во формирањето на постмодерниот идентитет, влијаат во нашата комуникација со луѓето, влијаат на нашиот начин на размислување, ни отвараат нови порти во нашиот живот, ни даваат нови предизвици и можности. Можност да комуницираме со далечни роднини, пријатели, познаници. Да шириме нови познанства. Некој би рекол дека тоа е лошо, дека се губи од личноста, нема веќе лице во лице комуникација, го губиме идентитетот и стануваме робови на сопствениот технолошки напредок. Но дали ние тоа ќе го сфатиме како нешто лошо што не уназадува, или како нешто добро кое не издигнува погоре и го гради нашиот личен идентитет кон подобро, тоа е тука, тоа се случува, промената е веќе започната и никој неможе тоа да го запре.

01/10/2012 Posted by | Multimedia | , , | Напишете коментар